Омерагиќ пред стартот на новата сезона: „Ги сакаме навивачите и полни трибини, но нема да дозволиме да бидат арени за препукувања на национална и верска база!“

Првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ, за време на денешната средба со медиумите околу имплементацијата на ВАР-системот, пред стартот на новата сезона во домашните шампионати се осврна и на секогаш болната тема за навивачките препукувања на трибините кои не ретко далеку ја надминуваат границата на „спортско навивачко надмудрување“.

Македонскиот шампион во ПМФЛ стартува со дерби пресметките Вардар – Пелистер и Шкендија – Шкупи. Омерагиќ, како и во неколку наврати претходно, секогаш јасно нагласи дека негова огромна желба е натпреварите да се играат со присуство на навивачки групи од двата клуба, но не смее и не може да се дозволи фудбалските стадиони да се претворат во арени за препукувања на национална, политичка и верска база.

„Нам на сите ни е јасно дека фудбалот се игра за навивачите, и секако наша огромна желба е фудбал со навивачи од двете страни. Затоа сакаме дијалог со сите навивачки групи во Македонија. Посакуваме ривалство на трибините, но она вистинско спортско ривалство. А, навивање, препукување и навреди на национална, верска и политичка основа нема да се толерираат. За сите такви појави ќе следат строги казни“ – рече Омерагиќ.

Од ФФМ следат и најавите за поригорозни мерки за недолично однесување на трибините, за што делегатите ќе добијат детални инструкции.

Се вчитува...