Омерагиќ: Верувам дека Седлоски ќе донесе нова енергија во репрезентацијата

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ на промоцијата на Гоце Седлоски за нов селектор, изјави дека очекува дека промената на кормилото на репрезентацијата ќе донесе нова енергија во националниот тим.

Омерагиќ кажа дека пласманот во баражот е успех, но дека Македонија нема да застане тука, туку оди во Данска за да го елиминира противникот и да обезбеди пласман во финалето.

„Уште еднаш би сакал да се заблагодарам на Боби Милевски за досегашната работа. Фудбалот е таков, промените се случуваат, и сега дојдовме до ситуација да имаме нов селектор во името на Гоце Седлоски. Дојдовме до заклучок дека на репрезентацијата и е потребна нова енергија за да го оствариме пласманот на Светското првенство, затоа што и баражот за нас е успех. Фудбалот е таков, носи радости но и разочарувања, еден од нив е поразот од Велс, и затоа дојде до ова денеска“, рече Омерагиќ и дополни:

„Ние да не веруваме дека можеме да ја елиминираме Данска, немаше да ја направиме оваа промена. Оној кој не верува, нека не се качува во авионот. Далеку од тоа дека е завршено. Само оние кои веруваат во себе и во победа, може да се качат во авионот. Луѓе кои не веруваат во себе и кои мислат дека не може да поминеме, не може да дојдат со нас. Треба малку повеќе да се цениме самите себе. Гледате дека многу посилни репрезентации од Македонија не се во баражот“, потенцираше Омерагиќ.

Се вчитува...