Омерагиќ за Ангеловски: Ангажманите му траат колку јогурт во супермаркет

Претседателот на ФФМ Масар Омерагиќ, даде свое видување околу коментарот на поранешниот селектор Игор Ангеловски по вчерашната промоција на Гоце Седлоски за селектор на Македонија.

Омерагиќ призна дека и Ангеловски бил меѓу кандидатите за селектор, но и дека е нејасно зошто ваква реакција откако и тој самиот му кажал дека ќe ја поддржи секоја одлука.

„Имавме убава прес-конференција и коректно помина таа промоција на Седлоски, затоа што репрезентацијата не е наша или ваша, туку на целата држава. Човечки е да се даде поддршка на тој што е избран. Претпоставувам дека сакаше Ангеловски да се стави во преден план, односно своите амбиции иако е дискутабилно како ги добил лиценците. Вели дека сме ги исполниле личните интереси, па сакам да каже кои се тие лични наши интереси? Некоректно е веднаш после промоцијата да дава коментари, но тоа кажува за човекот сам за себе. Би му посакал подобро ментално здравје и да поработи на тренерскиот занает затоа што последните ангажмани му траат колку јогурт во супермаркет. Му се јавив и му кажав дека тој е еден од кандидатите и отворено му кажав дека изборот е меѓу него и Седлоски. Размислувавме дали да се вратиме како што било или ќе тргнеме по друг пат. Тој ми кажа дека ќе ја почитува секоја одлука за селектор. Убаво е што живее во минатото, но треба да се гледа во реалноста“, рече Омерагиќ.

Се вчитува...