Омерагиќ за новините од следната сезона: Сите шест меча од ПМФЛ во живо на Арена и МРТ, ВАР-системот е веќе подготвен, ПУМА нов репрезентативен спонзор!

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ на денешниот брифинг со домашните медиумите, меѓу другото, информираше за сите новини кои од следната сезона ќе бидат промовирани во Првата македонска фудбалска лига.

Конечно, имплементација и на долго очекуваната ВАР-технологија и во Македонија, со активна финиширање на активностите наредниве месеци до стартот на новата сезона. Постигнат договор и за пренос во живо на сите шест натпревар од ПМФЛ како начин за дополнителна промоција и поддршка на македонскиот клупски фудбал, не само во Македонија, туку и во регионот.

„Веќе е сосема јасно дека ВАР-технологијата конечно се вклучува активно од следната сезона во домашната лига, што ќе придонесе и за подигнување на нивото на играта, но и сигурноста во судиските одлуки, согласно принципите и секаде во светот.. Сите шест натпревари од ПМФЛ кои ќе се играат најмалку во три дена, петок, сабота и недела, ќе бидат пренесувани во живо, по три на Арена и на МРТ. Сето тоа е начин за дополнителна засилена промоција и популаризација на клупскиот фудбал, со максимална медиумска покриеност“ – информираше Омерагиќ.

Веќе е познато и дека натпреварите ќе се играат со опрема на ПУМА, за што Фудбалската федерација на Македонија склучи официјален договор, а од следната година, по крајот на актуелниот квалификациски циклус се очекува и македонските репрезентации да играат во опрема на ПУМА.

„Веќе промовиравме дека ПУМА ќе биде нов спонзор кога е во прашање фудбалската топка. Сакаме и инсистираме и во Македонија да се игра со опрема од највисока категорија. Спортска опрема и топки ќе бидат доделени и на домашните клубови. А, од следната година ПУМА влегува и во македонската репрезентација, која очекуваме да игра со опрема од светски препознатливиот бренд“ – дополни Омерагиќ.

Во моментов тече и комплетно реновирање и брендирање и на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во рамките на Куќата на фудбалот.

„Желбата е да се создадат и максимални услови и за сите домашни национални селекции, со посебен осврт и на најмладите. Очигледно е дека имаме проблем со најмладите домашни селекции, поради што мора и ќе има и реорганизација на Академијата, затоа што согласно сите нашите детални анализи изминатиов период факт е дека не ги дава посакуваните резултати. Македонија има огромен фонд на фудбалски таленти но очигледно е дека погрешната поставеност изминативе години воопшто не ги дала посакуваните резултати, поради што мора да има реорганизација“ – рече првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија.

Веќе е познато дека од сезоната 2026/27 Првата македонска фудбалска лига ќе биде скратена на десет екипи, како и второлигашката конкуренција.

„Кратењето на лигите е секако со единствена причина за поголема концентрација на квалитетот на домашниот клупски фудбал. Се работи на тематиката околу системот на натпреварување, кој може да биде и четирикружен, но се уште работиме на тој предлог. Јасно е дека во следната сезона три екипи ќе испаднат директно од Првата лига, а една ќе игра бараж. Сето тоа, заедно со сите претходно спомнати промени, верувам дека ќе донесе вистински квалитет и неизвесност, низ максимално спортска борба на терен. Во Втората лига размислуваме за нов модел: првопласираниот директно да оди во Првата лига, а уште две екипи да играат бараж. Интересен би бил моделот каде од второ до осмо место екипите би играле плеј-оф за тие две бараж позиции“ – истакна Масар Омерагиќ.

Се вчитува...