Антонио Конте в петок ќе го предводи Наполи на дуелот против Калјари, меч на кој победа на „наполитанците“ ќе значи и ново шампионско скудето за овој клуб.
Сепак, натпреварот со Калјари воедно би можел да биде и последен за Конте како предводник на тимот од Неапол поради се поголемото незадоволството што трофејниот стручњак го искажува против клупската управа. Конте дојде како предводник на голем проект, но Наполи во меѓувреме остана најпрвин без Осимен, а потоа и без Кварацкелија. Екс-тренерот на Челси, Интер и Јуве направи чудо составувајќи моќен колектив со кој е во пол-позиција за скудетото, но Конте веќе стави до знаење дека е подготвен да си замине ако работите не тргнат на подобро.
Италијанските медиуми денеска ја објавија листата на желби што тренерот ја доставил до претседателот Де Лаурентис: Трошење на најмалку 200 милиони евра на нови фудбалери, кревање на буџетот за плати од 80 на 110 милиони евра, гаранција за изградба на нов тренинг-центар.
Со оглед на навиките на Де Лаурентис да не троши премногу пари на фудбалери, речиси невозможно е да се замисли дека овие барања на Конте можат да бидат прифатени од првиот човек на „наполитанците“. Во една таква ситуација, тренерот е подготвен да го напушти клубот неколку дена по освојувањето на скудетото, особено ако се знае дека Јувентус го чека Конте со отворени раце. Тој би имал поголема плата од онаа што ја зема во Неапол, но и сериозен буџет за нови фудбалери со кои „старата дама“ веќе од наредната сезона би можела да се бори за највисок пласман.
Што се однесува до Наполи, информациите говорат дека Де Лаурентис веќе стапил во контакт со Масимилијано Алегри, во обид да го убеди екс-тренерот на Милан и Јуве да го наследи Конте на „Диего Армандо Марадона“ стадионот.
• Spend at least €200M • Sign 8-9 players • Raise salaries from €80M to €110M • Guarantees on a new training facility
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

