Онана пак прави хаос во камерунската репрезентација

Андре Онана според реномето би требало да биде лидер на камерунската репрезентација, но односот на искусниот голман придонесува тој многу повеќе да биде проблем, отколку адут на својата национална селекција.

Онана ја напушти репрезентативната база за време на последното Светско Првенство во Катар, се чинеше дека тензиите во меѓувреме се смирија, но голманот на Манчестер Јунајтед сега повторно прави хаос и за време на Купот на Африкански Нации, откако влегол во конфликт со селекторот.

Се почна со инсистирањето на Онана подоцна да се приклучи на репрезентацијата за да може да брани за клубот на дербито со Тотенхем во Премиер-лигата. Поради тоа, голманот допатува директно во Брегот на Слоновата Коска, пропуштајќи ги целите подготовки на својата репрезентација за ова континентално натпреварување. Селекторот Ригоберт Сонг го остави Онана на клупата за првото коло, во втората рунда тој се појави на голот, но хаосот настана откако Сонг реши да стартува без Онана на клучниот дуел со Гамбија.

Камерунците во драматичен финиш славеа со 3-2 и се пласираа во следната рунда, но Онана бил видно исфрустриран и имал караница со селекторот. Одговорот што го добил очигледно не го задоволил, па голманот решил да се јави и кај Самуел Ето, кој сега е претседател на Фудбалската Федерација на Камерун. Онана се пожалил на третманот кај селекторот, но останал шокиран откако Ето ја зазел страната на Сонг во конфликтот.

Кaмерун во осминафиналето ќе се сретне со фаворитот Нигерија, па останува да се види дали Сонг повторно ќе го санкционира односот на искусниот голман оставајќи го на клупата за резерви.

Се вчитува...