Златан Ибрахимовиќ ќе може да ја продолжи својата фудбалска кариера по успешната операција на коленото што беше извршена врз шведскиот ас во САД. Извонредниот голгетер се повреди во финишот од мечот од Лигата на Европа против Андерлехт, веднаш стана очигледно дека проблемот е сериозен, а во прашање беше доведено и неговото натамошно играње фудбал. Сепак, агентот Мино Раиола преку соопштение ја извести јавноста дека хируршкиот зафат врз неговиот клиент минал без никакви проблеми и нема сомнеж дека Ибрахимовиќ по целосната рехабилитација повторно ќе го гледаме на фудбалските терени.
„Врз Златан Ибрахимовиќ беше извршена успешна операција на коленото. Тој целосно ќе се рехабилитира и ќе ја продолжи својата кариера. Операцијата ја извршија Фреди Фу и Волкер Мусал, кои се дел од Програмата за Спортска Медиццина во Питсбург. Златан ја почнува својата рехабилитација во клиниката каде беше опериран и ќе биде следен од страна на двајцата доктори кои го извршија хируршкиот зафат. За време на рехабилитацијата ниту Златан ниту пак медицинскиот тим нема да дава никакви изјави“ – се вели во соопштението на Мино Раиола.
Златан Ибрахимовиќ сигурно нема да биде подготвен за стартот на новата сезона, па интересно ќе биде да се види дали Раиола ќе договори продолжување на соработката со Манчестер јунајтед, или пак ќе му најде нов клуб на голгетерот во САД, каде неколку екипи покажуваат сериозен интерес за да го доведат Ибракадабра во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА