Крилниот фудбалер на Севилја, Хесус Навас, ќе биде вон строј за претстојните дуели на клубот против Валенсија во Примера и против Манчестер јунајтед во Лигата на шампиони. Шпанецот се повреди пред петнаесетина дена кога во Андалузија гостуваше Атлетико Мадрид, мечот на кој Севилја претрпе дебакл од 5-2. Искусниот офанзивец мораше да го напушти теренот по само 18 минути игра, поради болки во листот од десната нога.
Според резултатите од медицинските прегледи, Навас требаше да биде во полн погон за реванш натпреварот против Јунајтед во 1/8 финалето на ЛШ, но докторите велат дека опоравувањето во последните 48 часа не оди според планот и ќе мора да одмори уште неколку денови. Навас веќе ги пропушти натпреварите од домашното првенство против Малага и Атлетик Билбао во кои Севилја на два пати славеше победи.
„Имаме доста забелешки за опоравувањето на Навас во последниве 48 часа. Не сме задоволни од резултатите, тој требаше да биде на нозе и да тренира со првиот тим, но очигледно се работи за нешто посериозно. Во следниот период детално ќе го следиме неговиот напредок, но не очекуваме да биде подготвен за средбата против Манчестер јунајтед“, пишува во соопштението на шпанскиот клуб.
Севилја во првата пресметка против „црвените ѓаволи“ може да жали што не ги искористи шансите да поведе и воедно да слави триумф. На „Санчез Пизхуан“ натпреварот заврши како што почна, без голови, пред се благодарение на одбраните на Давид Де Хеа. Реваншот на „Олд трафорд“ ќе се игра во вторник, а веќе утре ја пречекуваат расположената Валенсија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА