Општина Прилеп преку соопштение до јавноста ја прокоментира одлуката на раководството на ФК Победа поради големи финансиски проблеми овој клуб да престане да се натпреварува во Втората лига.
Од Општината потврдија дека поради законските рокови не биле во можност да ги исплатат договорените еден милион денари финансиска помош за клубот, но исто така и обелоденија сериозни суми на долгови поради кои сметката на прилепскиот клуб е блокирана.
Воедно, испратени се и сериозни обвинувања околу ненаменско трошење на средства, како и уплати на пари во казина, обложувалници…
Соопштението на Општина Прилеп го пренесуваме во целост:
СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА
Општина Прилеп со големо жалење ја прими веста за одлуката на раководството на ФК Победа за повлекување на сениорската екипа од натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига.
Како институција која е секогаш посветена на поддршката на локалните спортски брендови, сакаме да ја информираме јавноста дека Општината во ниту еден момент не престана да презема активности за спас на клубот, но во тој процес се соочи со сериозен и континуиран недостиг на соработка од страна на мнозинските сопственици. Иако локалната самоуправа постојано иницираше дијалог за изнаоѓање долгорочно решение, сопственичката структура не покажа подготвеност за заедничко делување, одбивајќи да постави легитимни органи на управување и извршен директор, што практично го доведе клубот во состојба на функционална парализа.
И покрај ваквиот однос, Општина Прилеп покажа искрена желба за помош преку донесување одлука за еднократна финансиска поддршка во износ од 1.000.000,00 денари. Сепак, нејзината реализација беше законски оневозможена првично поради распишувањето на изборниот процес, а потоа и поради алармантната состојба со блокираната сметка на клубот која е резултат на долгогодишно недомаќинско работење. Официјалната документација која ние можеме да ја видиме открива разорен вкупен долг кон Управата за јавни приходи во износ од над 7.000.000,00 денари, кој вклучува неплатени придонеси за вработени во висина од 496.636,00 денари, неплатен ДДВ од 410.606,00 денари, долг за данок на добивка од 2.167.762,00 денари и персонален данок во износ од 1.986.538,00 денари. Тоа е долг само кон УЈП, не можеме да претпоставиме колкав е долгот спрема други приватни и државни субјекти. Исплатата на средства од Општина Прилеп секако немаше да може да се искористат за клубот, туку ќе завршеа во исплата на некои долгови на фирмата сопственик на клубот Победа.
Општината не смее и нема да дозволи буџетските средства на граѓаните да завршат како соучесник во покривање на вакви долгови, особено по сознанијата дека службени средства на клубот биле ненаменски трошени за уплати во казина, обложувалници и приватни потреби. При актуелната сопственичка структура, каде приватниот капитал поседува целосно мнозинство од акциите, одговорноста за финансискиот колапс и правниот вакуум е исклучиво кај сопствениците кои избраа пасивност наместо соработка со градот.
Нашата заложба за спас на ФК Победа останува непроменета, но единствениот пат напред е преку целосен и транспарентен увид во целокупното финансиско работење, бидејќи само на здрави и чесни основи можеме да го вратиме достоинството на овој клуб.
Општина Прилеп стои на располагање за помош, но средствата на граѓаните нема да дозволиме да се трошат за трошоци кои немаат врска со спортот, а Општината секогаш да биде дежурен виновник. Нашата желба за спас на прилепската гордост останува искрена и силна. Сепак, за каков било понатамошен чекор, Општината бара итен и целосен увид во целокупната финансиска документација и состојба на клубот.
Победа мора да продолжи на здрави основи, со чиста сметка и транспарентно управување, бидејќи само така ќе го зачуваме достоинството на клубот и на нашиот град“ се вели во соопштението на Општина Прилеп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

