Општина Тетово се огласи со реакција по вчерашното соопштение на ФК Тетекс во кое „штофарите“ се жалеа на забрана за користење на двата фудбалски стадиони во Тетово за ФК Тетекс, ФК Љуботен и ЖФК Љуботен.
Од Тетекс посочија дека и покрај повеќемесечни безуспешни обиди за договор со општината, немаат разбирање од надлежните а скратено им е фундаменталното право за спорт.
Според одговорните во Општина Тетово медиумската реакција на ФК Тетекс била непотребна, затоа што секогаш имале коректен однос со клубовите а тие знаат дека за користење на стадионот имаат услов дека може да се користи само кога ќе бидат во Првата македонска фудбалска лига.
„Општина Тетово отсекогаш постапувала транспарентно и одговорно кога бил во прашање соживотот меѓу заедниците. Во оваа насока, реакцијата на двата фудбалски клуба во однос на користењето на спортските терени во нашиот град е јасно кршење на оваа традиција на транспарентност и одговорност. Нивната последна реакција беше сосема непотребна и неодржлива. Средба со претставници на клубовите имаше и се постигна јасен консензус. Градскиот стадион да се користи само за фудбалски натпревари во Првата лига на Македонија и меѓународни фудбалски натпревари, но и за натпревари од особено значење, како на пример полуфинале и финале во Купот на Македонија. Од овој аспект, општина Тетово покажува решеност да гарантира дека овој стадион треба да биде опремен со сите потребни услови и стандарди, како еден модерен и функционален објект кој ќе ги исполни сите барања на спортска арена од високото ниво во нашиот град. За екипите кои настапуваат во пониските лиги, општината има јасен став: ќе се уредат и други терени опремени со сите потребни услови за спортски натпревари. Така, еден терен ќе се гради кај Спортскиот центар во градот, а друг во село Сараќино. Двата терени ќе бидат опремени со потребната инфраструктура, вклучително и соблекувална за тимовите и канцеларии за клубовите. Со овие чекори, Општина Тетово ја потврдува својата посветеност за унапредување на спортот на високо ниво, транспарентност и правда за сите заедници кои живеат во нашиот град“ – се вели во соопштението на Општина Тетово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА