Општина Центар негира дека сметката е блокирана, но каде се парите за КК Работнички?

Општина Центар преку допис до редакцијата на ЕКИПА ги демантира пишувањата дека долговите кон екипата и стручниот штаб на КК Работнички се резултат на блокираната сметка.

„Општина Центар ги демантира написите на Вашиот веб-портал. Ниедна сметка на општина Центар не е блокирана, општината работи согласно утврдената финансиска динамика“ – се вели во краткиот допис од Општина Центар.

Во ова кратко соопштение е јасно дека е важно само да се потенцира „слободниот тек на парите“ во Општина Центар, но никаде не се споменува суштината на проблемот – долговите кон КК Работнички кои од ден во ден се се поголеми.

Ќе се јави ли сега некој за да даде одговор на клучните прашања од спортски аспект – има ли општина Центар како главен акционер намера од КК Работнички да направи нормален клуб. Нормален – каде плати би се земале „месец за месец“, а не спортски колектив каде доцнење до три месеци е „нормална работа“. Кога веќе со доаѓањето на новиот градоначалник беше бомбастично најавен буџет од половина милион евра, до каде е префрлањето на оваа сума, дали се покриени долговите од минатото и во што се инвестирани парите (јавна тајна е дека најдобрите тренери од младинската школа си заминаа поради неисплатени плати).

На крајот на краиштата, никој не ги демантира моментните долгови кон играчите и стручниот штаб на „црвено-белите“. Кој и како им ја пласирал на нив „приказната за блокирана сметка“, и сега веќе кога самите се демантираат, ќе следи ли конечно и одговор – кога Општина Центар ќе ги префрли парите на клубот, за да бидат подмирени сите обврски кон кошаркарите.

Тоа се прашања што ја интересираат спортската јавност и што заслужуваат одговор, бидејќи сепак станува збор не само за најтрофејниот клуб, туку и за актуелниот шампион на Македонија.

Се вчитува...