Ракометарите на Работник се оптимисти дека по добрата игра на гостувањето против Хановер, претстојниот викенд можат да стигнат и до првата победа во Купот на ЕХФ. В недела во Битола гостува унгарскиот претставник Татабања, ривал против кого „фармацевтите“ можат да се надеваат на позитивен резултат.
„Недоволното искуство беше причината што не извлековме нешто повеќе во Германија. Но, за нас тој меч е минато и сега мислиме само на Татабања. Квалитетен и искусен тим се, сите скоро се двометраши и нема да ни биде лесно. Имаме одлична атмосфера, напорно работиме и со помош на публиката верувам во позитивен резултат“ – изјави Филип Кузмановски.
Проблем за тренерот Чирковиќ е повредата на репрезентативецот Чурлевски, чиј настап е крајно неизвесен.
„Верувам во екипата и покрај кадровските проблеми. Додека не победиме некој од ривалите, ќе бидеме незгоден ривал, а потоа ќе не сметаат за сериозна екипа. Чурлевски и Петровски се неизвесни, а Стјепановиќ и Пецаковски тренираат нормално. Татабања е екипа составена од ракометари од четири земји. Самиот податок дека го совладаа Веспрем, говори за колку сериозен ривал станува збор“ – истакна Чирковиќ на денешната прес-конференција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА