Oткако неколку германски политичари жестоко ја критикуваа одлуката на УЕФА за забрана за осветлување на стадионот во Минхен во боите на виножито за време на денешниот меч меѓу Германија и Унгарија, унгарскиот премиер Виктор Орбан ја откажа планираната посета на настанот.
Тој додаде дека и во Будимпешта знамињата во боја на виножито се дел од уличниот колирит и дека тоа е разбирливо.
„Дали стадион во Минхен или некој друг стадион во Европа ќе светне во боите на виножитото, не е одлука што е во рацете на државата“, рече Орбан.
Во изјава за германската новинска агенција (ДПА), Орбан истакна дека хомосексуалците во Унгарија денеска, за разлика од времето на комунизмот, уживаат заштита од државата. Според германските медиуми, Орбан вечерва ќе отпатува за Брисел наместо планираната посета на мечот од Европското фудбалско првенство меѓу Германија и Унгарија во Минхен.
Претходно, неколку германски политичари, вклучително и баварскиот премиер, Маркус Содер (Христијанско-социјалната унија – ЦСУ) и градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер (Социјалдемократска партија на Германија – СПД), ја критикуваа одлуката на УЕФА да го одбие предлогот на Минхен за осветлување на „Алијанц Арената“, на која ќе се игра натпреварот, во боите на виножитото.
УЕФА ја посочи својата политичка и религиозна неутралност и заклучи дека акцијата во Минхен е планирана како политичка акција во знак на протест против конкретната одлука на унгарскиот парламент каде неодамна беше усвоен закон, кој многу критичари го оценуваат како хомофобичен.
Според нив, законот има за цел да го скрати правото на младите да бидат информирани за хомосексуалноста и транссексуалноста.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА