Оршиќ раскина со Трабзон, следен е Енис Барди

Мислав Оршиќ ќе го почне егзодусот на фудбалери од Трабзонспор во јануарскиот преоден рок, а по стапките на хрватскиот крилен офанзивец наскоро би требало да тргне и Енис Барди.

Оршиќ и Барди членови на групата од четири фудбалери кои беа отстранети од првиот тим на Трабзон пред околу два месеца, со јасна порака што поскоро да си бараат нов ангажман. Хрватските медиуми информираат дека Оршиќ веќе го раскинал договорот со Трабзон, се очекува тоа да биде официјално потврдено во следните денови, по што овој фудбалер би можел како слободен играч да се врати назад во Динамо Загреб. Оршиќ дојде во Трабзон од редовите на Саутемптон за сума од 2,4 милиони евра, но веќе во подготовките заработи тешка повреда на коленото поради која речиси цела година паузираше од терените.

Турските медиуми најавуваат дека по стапките на Хрватот во најскоро време би требало да тргне и Барди. Македонскиот репрезентативец исто како и Оршиќ има само уште шест месеци од актуелниот договор со Трабзон, па очекува да добие документи за слободен трансфер за самиот да ја избере следната дестинација во кариерата, наместо да чека Трабзон да преговара со заинтересираните клубови.

Се вчитува...