Виктор Осимен е решен да си замине од Наполи, но нигерискиот репрезентативец повторно ги изнервира челниците на овој клуб откако одби трансфер во Ал Хилал, клуб што беше подготвен да понуди најмногу пари на „наполитанците“ за да го доведе Осимен во своите редови.
Во меѓувреме тој беше поврзуван со неколку различни клубови, а последните информации говорат дека Осимен конечно избрал каде сака да ја продолжи кариерата. Како што јавува „Кориере дело спорт“, Галатасарај е омилената дестинација на нигерискиот ас, кој бил презадоволен од престојот во Истанбул на позајмица минатата сезона и сега сака да го направи тој трансфер перманентен. Тој верува дека може лесно да ги договори личните услови, но многу поголем проблем ќе биде отштетата што ќе мора да му биде исплатена на Наполи.
Де Лаурентис не дава попуст никому и инсистира на откупната клаузула од 75 милиони евра, сума што е недостижна за Галатасарај. Поради ова, турскиот гигант е во потрага по нови спонзори кои би инвестирале во овој мега-трансфер, а потоа би имале и дел од имиџ-шравата врз Осимен, но и процент од продажбата кога Нигериецот во иднина ќе си замине од Истанбул.
Засега овој процес е во почетна фаза, но Турците се свесни дека мораат да го забрзаат бидејќи работите во светот на фудбалот можат брзо да се променат, па да останат без Осимен доколку некој друг европски клуб реши да тргне во офанзива за неговиот потпис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

