Наполи реши да ги забрза работите и да го доведе Ромелу Лукаку пред да го продаде Виктор Осимен, но се очекува во следните неколку дена „наполитанците“ и дефинитивно да се разделат од својот најдобар стрелец во последните сезони.
Нигериецот не крие дека сака по секоја цена да си замине, но изненадувачки понудите за него беа далеку под 100 милиони евра, уште повеќе под клаузулата од 130 милиони што претседателот Де Лаурентис се надеваше дека ќе биде активирана летово. ПСЖ предвреме се откажа, истото го стори и Арсенал, па единствениот европски клуб со конкретен интерес за Осимен е Челси, но фактот дека не игра во ЛШ го прави лондонскиот тим неатрактивен за голгетерот.
Поради сето тоа, Осимен сега многу сериозно ја разгледува опцијата за преселба во Саудиска Арабија. Нигериецот до пред една седмица категорично ги одбиваше понудите од оваа земја, но во меѓувреме му стана јасно дека тоа му е единствена опција во моментов, па ега сериозно размислува за преселба во Ал Ахли. Раководството на овој клуб подготви тригодишен договор за плата од 25 милиони евра по сезона плус богат бонус за самиот потпис на договорот.
Осимен инсистираше на клаузула за откуп ако добие интересна понуда од Европа, но челниците на Ал Ахли засега не дозволуваат такво нешто, решени да го доведат овој голгетер како предводник на својот проект за најмалку три години.
Останува да се почека разврската, но едно е сигурно, на Наполи му се брза бидејќи Де Лаурентис нема намера да го плаќа најплатениот фудбалер во тимот додека овој воопшто не тренира со првиот тим и упорно бара трансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА