Османи и Хасани: Дојдовме во Кишињев да одиграме како во Струмица

Шкендија со предност од три гола (3-0) отпатува за Кишињев, каде утре (16 часот) ќе го игра реванш натпреварот против Дачија, во рамките на првото квалификациско коло од Лигата на Европа. Тоа е убава предност, но тренерот Ќатип Османи и капитенот Ферхан Хасани велат дека нема никакво опуштање во таборот на македонскиот вицепрвак. Сите се максимално фокусирани на возвратните 90 минути што ќе следуваат во Молдавија.

„Не очекува тежок натпревар, Дачија покажа дека е квалитетен ривал. Ние имаме предност од првиот меч, меѓутоа далеку од тоа дека сме веќе пласирани во следната рунда. Не очекуваат уште 90 минути и ќе барам од фудбалерите да бидат максимално фокусирани, да ги одработиме на најдобар можен начин, затоа што секое опуштање може да биде и кобно за нас. Рецептот е јасен, да ја повториме играта од Струмица“, порача тренерот Ќатип Османи.

Капитенот Ферхан Хасани очекува голема борба и на реваншот со Дачија.

„Сигурно дека противникот нема да се предаде и ќе сака брзо да го отвори резултатот. Не се залажуваме дека ќе биде лесно и затоа треба да ја повториме добрата игра од првиот натпревар“, истакна Ферхан Хасани.

Се вчитува...