Македонскиот вицепрвак Шкендија го доби „џек-потот“ да биде дел од спектаклот во плејоф колото во Лигата на Европа и да ги одмери силите со италијанскиот калчолигаш Милан. Тоа е еден од најголемите европски клубови, многукратен освојувач на ЛШ и на Калчото. Задоволството од тој агол секако е присутно кај тренерот Ќатип Османи и фудбалерите на Шкендија, а постои и уште поголем мотив, да се докажат во двата дуели со „росонерите“.
„Милан е гигант, за тоа не треба ниту да зборуваме. Тие имаат фантастична традиција, но резултатите во овој изминат период не им беа според очекувањата, а и тимот е во целосна реконструкција. За нас Милан е најсилниот ривал во клупската историја, дефинитивно, и мораме да се подготвиме најдобро што можеме за да се претставиме во најдобро светло. Во фудбалот има и изненадувања и ние ќе се надеваме до самиот крај. Милан е Милан, но ние нема однапред да се предадеме, тоа е сигурно“, изјави Ќатип Османи, откако ждребот на Шкендија и го додели атрактивниот италијански калчолигаш во плејоф колото од ЛЕ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

