Османи: Мора утре да дадеме максимум ако сакаме да го елиминираме Пјуник

Македонскиот шампион Струга ТЛ утре во Ереван ја очекува реванш натпреварот против ерменски Пјуник во 2. квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.

Стружани имаат предност од 2-1 по првиот меч, но тренерот Ќатип Османи нагласува дека мора многу сериозно да се пристапи на утрешниот натпревар, давајќи го максимумот, ако се сака да се дојде до целта.

„И двете екипи се борат за пласман во следната рунда, но треба мирно да пристапиме на утрешниот натпревар. И покрај тоа што имаме мало водство, тоа не е резултат кој ни гарантира пласман во следната рунда, па затоа деновиве работевме и разговаравме и за психолошкиот аспект да дадеме се од себе за пласман во следната круг“ – истакна Ќатип Османи на прес-кнференцијата во Ереван, притоа дополнувајќи:

„Секако дека го анализиравме противникот, кој е навистина многу дисциплиниран тим, со поединци кои знаат да бираат ситуации во вистински моменти, па секако утре очекуваме тежок натпревар, натпревар кој веројатно ќе го одлучат нијансите“.

Османи дипломатски одговори пред ерменските новинари на прашањето околу тактичката поставеност на неговата екипа.

„Да бидам искрен, имаме дилема, поради повреда што ја имаше еден фудбалер, но јас како и обично ретко го менувам тимот што победува. Сепак, утре можеби ќе бидам принуден да го сменам. Вечерва ќе треба да одлучам, па не сакам да спомнувам имиња“ – заврши Османи, кој утре ќе го има својот 30-ти јубилеен меч како тренер во европските натпреварувања.

Досега има 29 натпревари, на кои забележа 17 порази, 4 нерешени и 8 победи, вклучувајќи ја и последната победа против следниот противник Пјуник на првиот меч одржан во Охрид.

Победникот од утрешниот дуел, во третото квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА, ќе се соочи со победникот од дуелот Диферданж – Ордабаси.

Се вчитува...