Османи: Наше е Шкендија да победува до крај, ќе видиме дали тоа ќе е доволно за титула

Ќатип Османи не го криеше задоволството по рутинскиот триумф на Шкендија на дуелот со Македонија ЃП. Тетовци работата си ја завршија во првото полувреме во кое поведоа со 2-0, па иако гостите намалија на 2-1 домаќините ја оправдаа фаворитската улога и со трет гол во второто полувреме ставија печат на победата.

„Ова можеби не беше меч што го игравме во висок ритам бидејќи бевме изморени од дуелот во средата. Сепак, ја завршивме работата и стигнавме до победата. По оние 2-0 имавме индивидуална грешка, можеби проблем во комуникацијата меѓу нашите фудбалери. Го примивме тој гол, но потоа во второто полувреме тргнавме да постигнеме и трет погодок за да го осигураме триумфот, успеавме во тоа и им честитам на моите фудбалери“, изјави Османи.

Искусниот стратег јасно става до знаење дека Шкендија нема намера да се откаже од трката за титулата, иако моментно има два бода заостанување и меч повеќе во однос на лидерот Струга ТЛ.

„Се обидуваме да го подготвиме тимот токму за овој финален спринт во сезоната. За жал, не зависи се од нас и нашите резултати, но она што мораме да го направиме е да победиме на сите средби до крајот. Ајде да славиме на тие последни три натпревари, па ќе видиме како ќе изгледа табелата на крајот од сезоната“, порачува Ќатип Османи.

Се вчитува...