На почетокот од оваа седмица и Ренова ги започна своите зимски подготовки. Тимот ќе остане во Тетово до 30. јануари, а остатокот од подготовките ќе ги реализира во Охрид, каде ќе одигра четири пријателски натпревари.
Стратегот на „гипсарите“, Ќатип Османи, очекува неговиот тим да прикаже поквалитетни натпревари до крајот на сезоната, а не ја исклучува можноста за борба за излез во Европа.
„Поради ниските температури, деновиве тренираме во сала и засега оди добро. Нови играчи во тимот се Филип Петковски, Јусуфи и Ахмет, а се разделивме со Мехмеди и Мурат. На 30. јануари заминуваме за Охрид, каде не очекуваат неколку пријателски натпревари, со цел подготвени да го дочекаме почетокот на првенството. Искрено, очекувам силна Ренова и да прикажеме подобри игри од првата полусезона. Ако ни се овозможи шанса за европски настап, нема да ја пропуштиме“ – вели за ЕКИПА, стратегот на Ренова.
После 18 одиграни натпревари, тимот од Џепчиште се наоѓа на шестата позиција на табелата во македонскиот шампионат, со 23 бода, пет помалку од четвртопласираниот Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА