Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ќатип Османи сосема очекувано задоволен по вчерашниот триумф од 0-2 против Победа со кој тетовци на две кола пред крајот си ја осигураа есенската титула.
За Османи, на тој начин, остварена е првата цел за сезонава во која секако амбициите на Шкендија се одбрана на шампионскиот трофеј…
„Покрај тоа што успеавме да ја прекинеме онаа лоша резултатска низа против Победа, овој триумф има и друга тежина а тоа е секако фактот дека со трите бода дојдовме до епитетот – есенски шампиони. Сето тоа е само мотив повеќе за нас и за последните две кола од есента, но и за пролетниот дел од шампионатот. Што се однесува до мечот одигравме мирно, трпеливо прво полувреме. Можеби дојде реализацијата покасно од очекуваното, но по првиот гол потоа супериорно го одведовме натпреварот до крајот“ – вели Османи.
Шкендија ја очекува дуел со Победа и во четвртфиналето од Купот на Македонија повторно на гостински терен. Прилепчани од првиот меч во Тетово имаат предност од 0-1.
„Вчерашниот натпревар ни покажа дека можеме да ја победиме Победа како гости. Затоа сигурно нашата цел ќе биде и пласман во полуфиналето од Купот на Македонија“ – вели Османи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

