Тренерот на Струга ТЛ, Ќатип Османи, смета дека тимот и натаму е во добра позиција со новите засилувања повторно да се бори за титулата во новата сезона.
Шампионот доведе девет нови играчи, а според тренерот Османи, некои од нив веќе целосно се прилагодија, додека на некои им треба уште некое време целосно да се „интегрираат“ во составот.
„ За време на трансфер периодот доведовме многу квалитетни фудбалери. Некои од нив во овој двомесечен период што сме заедно, можам да кажам дека се пронајдоа, но за некои мислам дека треба малку повеќе време. Се надевам дека и тие наскоро ќе се изразат и дека ќе придонесат за тимот“, рече Османи.
Тренерот Османи не крие дека Струга Трим Лум и годинава е меѓу главните претенденти за титулата, па како шампиони од стартот на првенството, почнувајќи од првиот меч против Тиквеш, ќе оди на победа.
„Струга Трим Лум се уште е претендент за титулата шампион и дефинитивно со таков епитет ќе мораме на секој натпревар да одиме на победа. Тиквеш покажа висок квалитет во текот на минатата сезона, па во недела очекуваме многу тежок натпревар. Згора на тоа, почетокот на првенството е секогаш многу тежок и тоа влијае на секоја екипа, но мислам дека имаме квалитет и јас сум оптимист за победа“, вели тренерот на стружани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА