Барселона е подготвена за враќањето на својот „син“, Чави Хернандез ќе биде наследникот на Роналд Куман на клупата на каталонскиот гигант, откако извонредниот плејмејкер по неколкуте одбивања во претходните две години овојпат го прифати големиот предизвик. Сите детали меѓу Чави и Лапорта се веќе договорени, а останува уште да се најде заеднички јазик со челниците на Ал Сад, чии газди ќе треба да дадат „амин“ за Шпанецот да го раскине договорот што го има со нив, со важност до 2023 година.
Во меѓувреме, шпанските медиуми го претставуваат Чави како нов предводник, најавувајќи го стилот на игра што тој ќе се обиде да го наметне и во Барселона. Очекувано, една од клучните работи ќе биде доминација низ поседот на топка, нешто што Чави го красеше и како играч, но и сега како тренер во Ал Сад.
„Топката не е бомба, не се плашете од неа. Таа е богатство и треба што повеќе да ја имате кај себе. Ова беше првото нешто што Чави го кажа на фудбалерите на Ал Сад откако стана предводник на овој тим. Тоа му е основно начело во кариерата и нема сомнеж дека ќе се обиде да го наметне и во Барселона. За него не постои друг начин за успех освен доминација преку посед на топка“, пишува весникот Ас.
Според истиот извор, Чави преферира две формации, 4-3-3 и 3-4-3, кои ги одликува исклучителна офанзивност на страничните играчи (бековите во 4-3-3 и крилата во 3-4-3).
„Кога станува збор за одбраната, интересно е што секогаш има еден фудбалер кој нема обврска да брка „свој човек“, туку е на теренот за да ја чита играта на противникот. Во Ал Сад тоа најчесто е Санти Казорла, продолжена рака на тренерот на теренот. Според концептот на Чави, се очекува во Барса таа улога да ја има Серхио Бускетс“, најавуваат аналитичарите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА