Остергард: Со контранапади да го изненадиме Вардар

Мијтиланд е екипата што ќе се обиде да го изненади тимот на ЖРК Вардар во обидот четврта година по ред да се пласира на Ф4 во Будимпешта. Данскиот состав во текот на целата сезона се соочуваше со проблеми, дел од ракометарките го напуштија тимот, но Митјиланд сепак успеа да стигне до четвртото место во својата група. Овој тим веќе има едно учество на фајналфор турнирите од ЛШ (во 2014 во мечот за третото место загуби од Вардар), па сега ќе се обиде на дуелот со македонскиот првак да приреди ново изненадување и по вторпат во својата историја да биде дел од најдобрите европски клубови.

Лигата на шампионите е највисокото ниво на ракомет што може да се игра и ние сме пресреќни што стигнавме до четвртфиналето, тоа е нешто во што малку кој веруваше за време на сезоната со оглед на проблемите со кои се соочивме. Четвртфиналето е успех, но не планираме да застанеме, ќе сториме се за да се пласираме и на фајналфор турнирот. Знаеме дека Вардар е фаворит, но верувам дека со добра игра и со лесни голови од контранапади можеме да изненадиме. Веќе одигравме неколку одлични средби на домашен терен сезонава, очекувам тоа да го повториме. Можеме да изненадиме, дома играме одлично, но без оглед каков резултат ќе оствариме на првиот натпревар, знаеме дека со истиот пристап ќе мораме да одиграме и на реваншот во Скопје“ – изјави десното крило Трине Остергард.

Дуелите со „вардарки“ ќе бидат едни од последните за Остергард во дресот на Митјиланд, со оглед на фактот дека таа веќе потпиша договор за преселба во редовите на Оденсе.

Тоа ми е само мотив повеќе за со стил да ја завршам својата авантура во Митјиланд, бидејќи минав прекрасни моменти во овој клуб. Секако дека Вардар ќе биде огромна пречка, но ние сме минувале такви преки во минатото“ – оптимистички е расположена данската репрезентативка.

Се вчитува...