Осум години од последниот дуел со Франција: Само тројца од овој состав играа против „триколорите“…

Франција и Македонија последниот меѓусебен натпревар го одиграа пред осум години, како дел од групната фаза од ЕП 2016 што се одигра во Краков. И тогаш како и годинава шампионатот го отворивме со дуел против „триколорите“, го загубивме натпреварот со конечни 30-23, но мора да се истакне дека Македонија на тој меч повеќе од 45 минути целосно му парираше на големиот фаворит.

Селектор тогаш беше Ивица Обрван, а на теренот доминираше нашиот сегашен селектор Кире Лазаров, кој постигна девет гола против „триколорите“, пред Манасков со пет и Гоце Георгиевски со четири погодоци.

Од сегашниот ростер на македонската репрезентација, на тој дуел се појавија тројца ракометари, и тоа Жарко Пешевски, Никола Маркоски и Филип Кузмановски. За Кумзановски ова беше и прво големо натпреварување во репрезентативниот дрес, кое го одбележа и со гол против моќната Франција.

Македонија на тој натпревар настапи во состав: Борко Ристовски, Даниел Дупјачанец, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Кире Лазаров, Стојанче Стоилов, Филип Миркуловски, Филип Кузмановски, Немања Прибак, Влатко Митков, Ацо Јоноски, Велко  Марковски, Никола Маркоски, Наумче Мојсовски, Жарко Пешевски и Гоце Ојлески.

Се вчитува...