Фабијан Козер по осум години минати во дресот на Реал Мадрид летово го напушта шпанскиот кошаркарски гигант, откако францускиот ветеран ја одби понудата за продолжување на соработката и официјално си замина од таборот на „кралевите“.
Овој 37-годишен ветеран важеше за играч од доверба на тренерите, како на Пабло Ласо, така и на Чус Матео, како кошаркар кој не бара преголема минутажа, но секогаш го дава максимумот на теренот. Матео сакаше да го задржи Козер во тимот, но понудата на „кралскиот клуб“ беше прениска, па искусниот плејмејкер реши да си замине од Мадрид, откако освои дури 14 трофеи во дресот на Реал (од нив два во Евролигата и четири во АЦБ шпанското првенство).
Негова следна дестинација ќе биде италијанскиот првак Олимпија Милано, клуб со кој Козер веќе постигна начелен договор за трансфер. Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ ќе ја има улогата на стартен плејмејкер вотимот на Еторе Месина, но Козер со своето искуство сигурно ќе биде од помош на италијанскиот тим за остварување на зацртаните цели, пред се за далеку подобри резултати во Евролигата во наредната сезона.
Олимпија направи ремонт во играчкиот кадар летово, па покрај Димитријевиќ во своите редови веќе ги донесе и Ленадро Болмаро, Усман Диоп, Зек Ледеј, Џош Нибо и Армани Брукс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА