Стефан Јовиќ ги надмина проблемите со повредата и даде свој придонес во одличниот настап на Србија на Мундобаскет 2023, каде нашиот северен сосед стигна до сребрениот медал.
Добрите игри на СП придонесоа Јовиќ да си обезбеди и трансфер во Евролигата, откако Валенсија тргна во офанзива за потписот на овој кошаркар. Јовиќ е под договор со Сарагоса, но во него има клаузула што му овозможува за извесна отштета да си замине во тим од елитното европско натпреварување.
Валенсија пред неколку дена повторно остана без Хермансон, кој заработи нова тешка повреда на коленото. Овој евролигаш мора што поскоро да најде замена за повредениот плејмејкер, а изборот паднал токму врз Јовиќ, кој треба да даде стабилност во нападот, но и искуство во играта во одбрана на Валенсија.
Како што информираат бројни шпански медиуми, Србинот веќе ги договорил личните услови, а преговорите меѓу клубовите се во завршна фаза и најдоцна за 48 часа се очекува Јовиќ да замине за Валенсија, на лекарски прегледи и потпис со новиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА