Освојувач на бронзен медал во Токио доби суспензија од осум години

Освојувачот на бронзениот олимписки медал во Токио во 2021 година во кревање на тегови Игор Сон  од Казахстан, е суспендиран на осум години поради допинг. Сон освои бронза во категоријата до 61 килограм на Олимписките игри во Токио и таа нема да му биде одземена, пренесува Ројтерс, но ќе биде суспендиран на осум години поради позитивен допинг тест, соопшти Националната федерација за кревање тегови на Казахстан.

Сон доби позитивен резултат од тестот направен во март 2022 година, иако не беше откриено за која забранета супстанца се работи.

„Ова тестирање беше спроведено надвор од натпреварувањето, шест месеци по учеството на игрите, така што не станува збор за откажување на резултатите или одземање на медалите“, објасни генералниот секретар на Федерацијата, Алдијар Нуралинов.

Сон веќе одлежа седуммесечна суспензија во 2015 година, откако беше позитивен на забранет стероид, што го чинеше медал на Светското младинско првенство.

Се вчитува...