Освојувачите на Купот на ОФМ 2026 упатија благодарност до министерот Ристовски

Да не беше поддршката од Министерството за спорт немаше да ги постигнеме овие успеси на кои се радуваме денес, истакнаа претставниците на двата одбојкарски клуба – ЖОК Вардар ЕМ и ОК Штип УГД, освојувачи на победничкиот пехар на годинашното 33.издание на Купот на ОФМ на денешната средба со министерот за спорт Борко Ристовски.

За освоените титули и промоција на спортот и спортските вредности, Министерството за спорт ги награди двете најдобри екипи во одбојкарскиот куп со парични награди – 500.000 денари за ЖОК Вардар ЕМ и 1.000.000 денари за ОК Штип УГД.

-Се заблагодарувам во име на екипата на Вардар ЕМ. За нас ова е навистина прво вакво искуство. Направивме голем подвиг со освојувањето на титулата во Купот, за некои  можеби очекувано, за некои не. Но, да не беше поддршката од Министерството за спорт, од Одбојкарската федерација на Македонија, мислам дека немаше да дојдеме до ова до кое дојдовме денес. Ви благодариме од срце – рече Емилија Јанчиќ, тренер и координатор на ЖОК Вардар ЕМ, екипата која годинашниот деби настап во Купот го круниса со титула.

Благодарност за поддршката, за вреднувањето на успехот, но и за заложбата да се популаризира одбојката, упати и претставникот на ОК Штип УГД, екипата која три години по ред е доминантна во одбојкарскиот Куп во машка конкуренција.

-Женската одбојка бележи голем подем, оди нагоре, машката одбојка мора да ја подигнеме повисоко од она ниво што било порано и се надевам дека со овие успеси ќе придонесеме за тоа. Во Штип има голем интерес за одбојката, во градот одбојката ни е веќе прв спорт и тоа е голем успех за мене лично, за раководството на клубот, за сите одбојкари и за сите наши деца што се во овој спорт. Упатувам голема багодарност за поддршката што ја имаме од Министерството за спорт, благодарност до министерот Борко Ристовски и до Одбојкарската федерација. Се надевам дека во иднина ќе имаме уште поголеми успеси – рече Ванче Санев, претседател на Штип УГД.

Министерот Борко Ристовски на денешната средба со освојувачите на титулата во Купот на ОФМ, им го честиташе успехот и нагласи дека Министерството за спорт секогаш ќе ги вреднува резултатите, ќе ја поддржува промоцијата на спортот и на спортските вредности и во иднина ќе продолжи практиката да им се оддава признание на сите што ќе направат успех.

Се вчитува...