Раководството на Реал Мадрид ја интензивираше потрагата по нов дефанзивец кој би ја пополнил празнината во тимот што ќе настане со заминувањето на Пепе. Португалскиот дефанзивец летово станува слободен играч и со оглед на фактот дека воопшто не му е понуден нов договор станува јасно дека тој сигурно ќе си замине од „Сантијаго Бернабеу“.
Реал во текот на летото ќе го врати во своите редови Валјехо, кој игра одлично на позајмица во Ајнтрахт, но „кралевите“ планираат и да доведат уште еден проверен дефанзивец од највисока класа што би им помогнал во остварување на високите цели. Според аргентинскиот весник „ТyC Sports“, на врвот на листата со желби на Флорентино Перез се наоѓа Николас Отаменди. Реал се интересираше за Аргентинецот и додека тој настапуваше за Валенсија, а сега „кралевите“ повторно ќе се обидат да го ангажираат откако Отаменди стана достапен за трансфер во Манчестер сити. Пеп Гвардиола не смета сериозно на овој фудбалер и доколку добие интересна понуда сигурно добро ќе ја разгледа, се со цел да собере буџет за ангажман на Ван Дајк од Саутемптон.
За очекување е Реал да понуди 30 милиони евра за услугите на Отаменди, кој и самиот изразил желба за камбек во Примера дивизион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА