Манчестер јунајтед ја заврши сезоната со трофеј во Лигата на Европа и обезбеди настап во Лигата на шампионите следната сезона. Тоа е одличен крај за „црвените ѓаволи“ со оглед на развојот на настаните од изминатава сезона. Но, менаџерот Жозе Мурињо веќе мисли на иднината.
„Му ја дадов листата со желби на Ед Вудворд. Таа веќе два месеци е кај него на работната маса. Сега мое е да чекам“, изјави Мурињо на прашањето за новите засилувања на Јунајтед во претстојниот летен преоден рок.
Но, листата е пробиена. Антоан Гризман е најголемата желба на Мурињо и се чини дека може да биде исполнета. Манчестер јунајтед е подготвен да плати и 100 милиони евра за неговите услуги. Но, Португалецот сака уште еден квалитетен напаѓач во својот тим. Тука се потцртани Андреа Белоти, напаѓачот на Торино, и Ромелу Лукаку од Евертон. Еден од нив би требало да пристигне на „Олд трафорд“, според плановите на Мурињо.
Хрватот Иван Перишиќ е желбата на стратегот на „црвените ѓаволи“ кога се во прашање крилните позиции. Тука е и Ерик Даер од Тотенхем, како желба за освежување на средниот ред. Во одбраната, добро би дошол потписот на Рафаел Варан од Реал Мадрид, како и Мајл Кин, кој треба да се врати во Манчестер јунајтед.
Се разбира, не е можно да му бидат исполнети сите желби на Жозе Мурињо. Тоа ќе зависи и од финансиите, и од текот на настаните во летниот преоден рок. Но, едно е јасно, Португалецот „пука наголемо“…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА