Победникот на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ, пред повеќе од една година го смени главниот спонзор и од „Уникло“ премина во „Лакост“. Досега не беа познати финансиските детали од договорот на српскиот тенисер со францускиот моден гигант, но се претпоставуваше дека тоа е еден од највредните спонзорски договори во „белиот спорт“.
По големото враќање на Ѓоковиќ и освојувањето на четвртата титула на Вимблдон, откриена е и сумата од договорот.
„Лакост“ на Ѓоковиќ му плаќа по 9.4 милиони долари годишно, а договорот е потпишан на пет години. Тоа е помалку од претпоставките дека се работи за сума од 15 милиони долари, но секако е значајна сума на контото на српскиот тенисер.
Ѓоковиќ, според „Форбс“, за 12 месеци (од мај 2017 до мај 2018) заработил вкупно 23.5 милиони долари, но во овој период во кој Србинот имаше проблеми со повредите и пад во формата, само 1.5 милиони е заработувачка од турнирски награди. Останатите 22 милиони долари Ѓоковиќ ги добил од спонзорските договори со „Лакост“, „Хед“, „Асикс“ и со „Сеико“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА