Серијата од осум победи на Интер во Калчо-лигата беше прекината денеска откако „нероаѕурите“ загубија со 2-1 на гостувањето против Сампдорија. Антонио Конте има причина за разочараност, пред се поради одличниот почеток на неговиот тим, кога „нероаѕурите“ не искористија и пенал преку Алексис Санчез. Головите за Сампдорија ги постигнаа двајца поранешни фудбалери на Интер, Кандрева и Кеита Балде, потопувајќи го на тој начин својот поранешен клуб.
Гостите од Милано постигнаа погодок преку Шкринијар, потоа тргнаа во целосна офанзива, но не успеаја да стигнат нуиту до израмнување, камоли до целосен пресврт. Згора на тоа, во самиот финиш се случи уште еден „хорор“ за „нероаѕурите“, Д’Амброзио заработи тешка повреда во судиското продолжение.
Аталанта прокнижи нови три бода со рутински триумф на домашен терен, овојпат од 3-0 над Парма. Муриел го најави триумфот со погодок во првото полувреме, а во вториот дел прецизни за тимот од Бергамо беа и Запата и Госенс.
Рома и без пет-шест стандардни првотимци лесно славеше на гостувањето против Кротоне со 1-3. Најзаслужен беше Борха Мајорал, кој постигна два погодоци и над него беше направен пеналот по којн Мхитаријан зголеми на 0-3 пред крајот на полувремето.
Удинезе ремизираше 2-2 на гостувањето против Болоња благодарение на голот на Арслан во 92. минута. Илија Несторовски влезе во игра во 33. минута, а македонскиот ас имаше убава шанса во 91. минута, кога домаќините во последен момент го блокираа неговиот шут.
Лацио ја победи Фиорентина со 2-1, меч на кој „виолетовите“ останаа и без Франк Рибери, кој заработи нова повреда.
Резултати Италија:
Аталанта – Парма 3-0, Сасуоло – Џенова 2-1, Болоња – Удинезе 2-2, Торино – Верона 1-1, Лацио – Фиорентина 2-1, Кротоне – Рома 1-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

