Отпишаните ја покорија Европа! Шпанија е нов кошаркарски владетел на Стариот континент откако во финалето на Евробаскетот во Берлин триумфираше со 88-76.
Репрезентацијата која, поради промената на составот, беше отпишана од најсериозните кандидати за освојување на трофејот пред Евробаскетот, повеќе од заслужено дојде до титулата освоена со храброст, мудрост, инает и желба, предводена од генијалниот селектор Серџо Скариоло.
Шпанците низ тотална доминација славеа во финалето против Франција со 12 поени разлика, демантирајќи ги сите оние кои воопшто не веруваа во нив од почетокот на шампионатот.
Уште од самиот почеток на натпреварот „црвената фурија“ јасно даде до знаење дека ќе атакува на триумф. Па во првата четвртина дојде до предност и од 11 поени, за да на полувремето откако Французите се стабилизираа се замине со 47-37 за Шпанија.
Максимално израмнето се одигра и третиот период од играта, за да Шпанија низ последните 10 минути не дозволи никаква опасност за загрозување на нивната предност. Постојано одржуваа предност од 8 до 12 поени, а на една минута и седум секунди пред крајот со тројката на Диаз дојдоа и до 85-70. Сето тоа за навестување на конечната победа од 88-76.
Извонреден кај Шпанија беше Хуанчо Хернангомез со 27 поени и пет скока, Вили Хернангомез и Лоренцо Браун завршија со по 14 поени и осум скока, односно 11 асистенции, а Фернандез постигна по 13 поени. Кај Французите Фурние беше најдобар со 23 поени, а Томас Хертел заврши со 16 поени.

Селекторот на Шпанија, Серџо Скариоло дојде до петтото свое злато со оваа селекција. Претходно Скариоло има злато и од СП 2019, и три од Европските првенства (2009, 2011 и 2015 година). Дополнети и со сребро од ЛОИ во Лондон 2012, како и бронза од ЛОИ во Рио 2016, и уште една бронза од Евробаскетот од Турција 2017 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

