ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Македонија со три порази го заврши настапот на ЕП 2022 во ракомет откако нашите репрезентативци вечерва загубија од Данска (21-31). Исход што не е преголемо изненадување со оглед на огромната разлика во квалитет и класата што Данците ја покажаа од самиот почеток на шампионатот, наспроти осцилациите и проблемите со кои се соочи нашиот национален тим. Дваесетина минути траеше отпорот на македонските ракометари, по што Данска по водството од 10-9 целосно ја презеде контролата над резултатот и славеше двоцифрена победа.
По неуспешните експерименти со Ѓоргиев на среден бек на првите две средби, овојпат Лазаров се реши за Кузмановски и Талески во стартниот состав, заедно со Велковски, Костески, Цветан Кузманоски, Пешевски и Никола Митревски на голот. Ваквата постава вроди со плод, нападот беше одличен, Митревски бранеше се пред нашиот гол, па Македонија го изненади фаворитот со почетно водство од 4-0, период во кој Хансен имаше и промашен пенал.
Киркелеке го постигна првиот гол за противничката селекција дури во деветтата минута, намалувајќи на 4-1. Тој погодок беше доволен за да се врати самодовербата кај Данците, кои набрзина намалија на 4-3, а проблем повеќе за Македонија претставуваше повредата на скочниот зглоб што ја заработи Филип Кузмановски во 12. минута од мечот. Киркелеке беше незапирлив во првиот дел од првото полувреме, постигнувајќи го својот четврти гол во 14. минута, за израмнување на 5-5. Данска првото водство го имаше кога Киркелеке погоди за 5-6, а како што одминуваше времето така стануваа и се поголеми проблемите во нападот на „црвено-жолтите“. Во игра влезе и Митев, кој дебитираше на ова ЕП, но Данска доминираше до крајот на полувремето и на одмор замина со водство од 11-15.
Очекувано, данската доминација продолжи и на стартот од второто полувреме, во кое светскиот шампион лесно ја пробиваше нашата зона и го наоѓаше патот до мрежата на Македонија. Лазаров побара тајмаут при резултат 21-14. Томовски застана на голот, но ситуацијата на теренот не се промени премногу. Лазаров му даде шанса на Митев за поголема минутажа во второто полувреме, заедно со Мишевски, кој мина извесно време и во нападот на местото на Талески.
Позитивата на актуелните светски шампиони се зголемуваше се повеќе, па на десетина минути до крајот Данците стигнаа и до првото двоцифрено водство (17-27), по што до крајот лесно го контролираа резултатот, се до конечните 21-31. Пешевски беше најдобар поединец во македонскиот табор со шест гола од исто толку обиди, додека Талески беше втор стрелец со три гола, но од дури десет обиди кон противничкиот гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА