Николо Заниоло почна отворено да флертува со Јувентус, не криејќи ја желбата летово да се пресели во редовите на најтрофејниот италијански клуб.
Напаѓачот кој некогаш важеше за најталентиран во Италија влезе во војна со Жозе Мурињо и Рома, на крајот се пресели во Галатасарај, но во тој договор со турскиот гигант има клаузула за раскин доколку пристигне понуда од Апенинскиот полуостров. Токму поради тоа, Заниоло јавно говори за желбата за потпис за Јувентус.
„Не е никаква тајна, јас од дете навивам за Јувентус, а фудбалски идол ми е Пол Погба. Ако има шанса да се реализира трансфер, би бил пресреќен. Сите опции се во игра, една од нив сигурно е и останувањето во Галатасарај и настап во Лигата на Шампионите за мојот сегашен клуб. Планот е сигурно да играм во квалификациите за ЛШ, но ако пристигне добра понуда до крајот на август, да седнеме и да разговараме. Јувентус секогаш е Јувентус, зборуваме за огромен клуб, дури и кога не игра во ЛШ, тоа не би било никаков проблем за мене“, изјави Заниоло.
„Старата дама“ засега не почнува преговори за овој фудбалер, но се очекува да тргне во офанзива по Заниоло доколку се реализираат најавите за заминување на Киеза, за кого се интересираат неколку екипи од англиската Премиер-лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА