Отворено со првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини: Трпението и заедништвото се клучот на успехот до кој дојдовме!

Македонскиот фудбал успешно го заврши „проектот – Европско првенство“. На задоволство, буквално, на секој поединец во Македонија. Но, на огромно задоволство и на првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини кој ќе остане запишан како првиот претседател на фудбалската федерација под чие водство националниот тим е дел од друштвото на најдобрите на Стариот континент. Мина Сејдини, сепак, и бурен период изминативе години на чело на ФФМ па сега, по првичното стивнување на емоциите во Тбилиси, отворено проговорувајќи за историскиот успех, од свој агол…

„Може само да им честитам на фудбалерите за оваа радост која ни ја приредија на сите нас. Покажаа неверојатна сила, храброст и единство, сосема заслужено издвојувајќи се како нови наши спортски херои. Знам под каков притисок поради големите очекувања беа пред натпреварот во Грузија, но го издржаа сето тоа и покажаа големина во Тбилиси. Но, верувајте некако бев убеден во овој успех, уште пред да почнат финалните баражи со Косово и со Грузија во Лигата на нации. Многу труд и енергија беа дадени изминатиот период за да сето тоа се пропушти така лесно.“

Среќен сум кога гледам како и Албанците сега со сето срце навиваат за македонската репрезентација…

Во Тбилиси ве понесоа емоциите па се впуштивте и на терен меѓу фудбалерите…

„Ме понесоа емоциите, а ме понесе и нивната радост. Прекрасно беше да се гледа сето тоа… Не можев да се воздржам на единството кое го демонстрираат, на радоста која заеднички ја споделуваат, на песните на терен, на солзите кои заеднички ги делат. Јас најмногу сум горд на заедништвото кое го отсликува оваа репрезентација без разлика на вера и нација. Знаете ли колку ме прави среќен кога гледам како и Албанците во Македонија сега со сето срце навиваат за македонската репрезентација. А, да не се лажеме, не било секогаш така во минатото. Може само да кажам дека успеавме, и на тој план.“

Меѓутоа имаше и „теории на заговори“ во јавноста пред натпреварот со Косово во полуфиналето од Лигата на нации. Под силен товар и притисок беа и репрезентативците Албанци во селекцијата.

„Огромен камен ми падна од срцето кога победи Македонија. Затоа што, без разлика колку јас ја знам вистината, во фудбалот се може да се случи на терен. Не сакам ниту да помислам што се ќе беше ако загубевме, не сакам ниту да замислам на што се ќе беа подложени истите овие фудбалери кои сега се слават. А, фудбал е тоа… секако дека може и да загубат.“

Проголтав многу работи само во интерес на репрезентацијата

Но, не само неофицијални шпекулативни прозивки, имаше и прозивки за начинот на кој ја водите федерацијата, незаинтересираноста за репрезентацијата…

„Добро, проголтав многу работи изминатиов период само и само во интерес на репрезентацијата. Мојата суета ја оставив на страна затоа што знаев дека имаме многу повисоки цели. И верувајте така ќе биде и секогаш во иднина. Молчев иако ме погодија многу нешта, но само затоа што знаев дека нема потреба некој да го нарушува мирот на репрезентацијата, затоа што знам дека трпението ги лечи сите рани. Трпението и заедништвото се клучните моменти кои на крај и не доведоа до овој огромен успех. Единството, меѓу различните ставови и различните карактери, кое владее во репрезентацијата но и во структурите на ФФМ верувајте е клучот Македонија да се најде фудбалски меѓу најдобрите во Европа.“

И капитенот Горан Пандев на прес-конференција отворено истакна дека во моментите кога беше крајно неизвесно неговото доаѓање во Скопје пред мечот со Косово некои од ФФМ не се потрудиле да прашаат и како е, секако алудирајќи на вас.

“Горан Пандев е најголемото име во историјата на македонскиот фудбал, и секој негов став, размислување или сугестија треба не само да се почитува, туку и да ве натера на делување во интерес на фудбалот. Меѓутоа верувајте јас никогаш не сум имал, сакал и инсистирал на директен контакт со фудбалерите за да не се свати на погрешен начин, и од фудбалерите и од јавноста. Можеби е грешка што ете тогаш не остварив директен контакт, но јас така размислувам. А сите знаат дека ФФМ беше максимално инволвирана потегнувајќи бројни релации за да се реши случајот. Во конкретниот случај верувајте цело време бев во тек со ситуацијата. На селекторот, кој секако е контактот со фудбалерите, во неколку наврати му пренесов да се побара се што треба за фудбалерите. Дека подготвени сме и имаме можност да испратиме и приватен авион само да ги донесеме Пандев и Елмас во Македонија. Но, јас ниту сум сакал ниту некогаш во иднина ќе се експонирам меѓу репрезентативците. Никогаш не сум бил ниту во хотел, ниту во соблекувална меѓу нив затоа што сметам дека не ми е таму местото. Тие си имаат свое поле на дејствување, јас свое, но сето тоа единствено кон заедничката цел – успехот кој сега го добивме.”

План за изградба на комплетно нов стадион со капацитет од околу 12.000 седишта

Успехот е тука. ФФМ ќе добие загарантирани 9,25 милиони евра од УЕФА за пласманот на ЕП. Се има ли било каков план и стратегија за инвестирањето на тие средства, кои сигурно ќе бидат и повеќе, за дополнителен развој на македонскиот фудбал?

„Веќе од претходно кажавме дека 30% од средствата или нешто повеќе од три милиони евра ќе бидат награда за фудбалерите кои се најзаслужните за овој успех. Но, секако дополнително ќе бидат сериозно инвестирани пред се за конечно инфраструктурно докомплетирање на стадионите во земјава, иако веќе тоа е стартувано и набрзо ќе заврши во Битола, Прилеп, Штип, Џепчиште, Кавадарци, Охрид… Македонија мора секаде да има стадиони како што треба на кои и секој гледач ќе се чувствува пријатно. Секако неизбежно е и дополнително инвестирање во младите категории затоа што е тоа иднината на фудбалот.“

Се планира ли некаков позначаен проект?

„Постои идеја сега да се изгради стадион до ФФМ. Мојата идеја е да биде со капацитет меѓу 10.000 и 12.000 седишта, и да бида согласно највисоките европски стандарди како би можеле да играат сите репрезентативни селекции. Но, се е тоа засега само план. Нема ништо во моментов конкретно околу тоа, па ќе видиме. Важно е дека овој огромен успех кој ни го подарија фудбалерите мора да го искористиме на најдобар можен начин како Македонија во иднина секогаш би била во континуитет на местото меѓу најдобрите на Стариот континент“.

Се вчитува...