Динамо Загреб безмалку телефонски си го договори новиот тренер Сергеј Јакировиќ, кој го „украде“ за еден час од Ријека. Новиот тренер на Динамо замина од досегашниот клуб без било какво известување до сопственикот на Ријека, Дамир Мишковиќ кој за заминувањето на својот тренер дознал од медиумите.
Нема ништо спорно од правен аспект заминувањето на Јакировиќ, ако се знае дека Динамо Загреб ја искористи клаузулата да исплати 100.000 евра отштета, но Мишковиќ е револтиран затоа што нема ништо етички во однесувањето на „модрите“ со кои, како што вели, секогаш повеќе од добро соработувал.
„Секако дека сум изненаден. За заминувањето дознав од жена ми која ми рече дека видела на социјалните мрежи дека сме останале без тренер. И реков да не лита глупости, кога потоа и самиот видов дека тоа е вистина. На ден пред летот за Франција на натпревар со Лил во плејофот за Конференциската лига да останеме без тренер. Дали е тоа нормално, и плус да дознаам од фејсбук!? Дури покасно Јакировиќ ми се јави и рече дека ќе оди. Му реков дека не мислам дека е тоа нормално. Да, секако може да оди на подобра работа и во подобар клуб, но не може да ги остави играчите на цедило пред натпревар. Ова беше неспортско и неетично. Сигурно можевме да се договориме, па можеше да оди во Динамо по мечот со Лил. Нема ништо незаконски, имаме договор, тренерот има право на одреден број плати, исто така кога ќе даде отказ. Се си има време и место, но ова не беше ниту време ниту место. Да знаевме однапред, да најдеме нов тренер, ќе беше понормално, ова уште никој не го доживеал во хрватскиот фудбал. Голем срам. Јас долги години соработувам убаво со Динамо, вака сигурно не би постапил еден Здравко Мамиќ“ – револтирано вели претседателот на Ријека, Дамир Мишковиќ.
Но, никаква морална обврска не чувствува самиот Јакировиќ кој смета дека амбициите се нормална работа во спортот, а тие го однеле во Динамо Загреб.
„За мене е чест што ќе бидам тренер на Динамо. И самиот бев изненаден од повикот, но се случи во секунди. Таков е фудбалот, мора да се следат амбициите. Ова е шанса каква не се случува често, и затоа не сакав да ја пропуштам“ – изјави Јакировиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА