Виктор Осимен со гол во судиското продолжение го елиминираше Јувентус од Лигата на Шампионите, по што веднаш станаа актуелни гласините дека нигерискиот ас би можел летово да се врати назад во Серија А и да го облече дресот на „старата дама“.
Поранешниот фудбалер на Наполи беше голема желба на Јуве уште при војната што ја водеше со „наполитанците“ при заминувањето од „сино-белите“, а токму поради инсистирањето на претседателот Де Лаурентис тој не доби зелено светло за преселба во гигантот од Торино.
Добро упатени извори информираат дека ваков трансфер е невозможен и следното лето, и тоа поради клаузулата на која инсистирал првиот човек на Наполи при преговорите со Галатасарај. Имено, Де Лаурентис успеал да издејствува клаузула според која Галата не смее да го продаде Осимен на друг италијански клуб во следните две години (до јуни 2027 години). Доколку оваа клаузула биде прекршена, Галата ќе треба да му плати на Наполи казна од огромни 70 милиони евра што го прави овој трансфер практично невозможен.
Во една таква ситуација, челниците на Јувентус повторно ги активираа преговорите за нов договор со Душан Влаховиќ, да спречат српскиот голгетер летово без никаква отштета да си замине од најтрофејниот италијански клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

