Горан Пандев попладнево против Холандија ќе го игра својот 122. натпревар во дресот на македонската репрезентација, последен меч на најдобриот македонски фудбалер на сите времиња за националниот тим, простување токму онакво какво што тој посакуваше – со исполнување на сонот да ја предводи нашата селекција на едно големо натпреварување.
Зад името на Пандев остануваат запишани вкупно 38 репрезентативни погодоци, а „Гранде Горан“ ќе има можност оваа бројка да ја зголеми на вечерашниот дуел на „Јохан Кројф арена“ против Холандија. Тој на „лалињата“ веќе им има постигнато два погодоци, при ремито од 2-2 на 9 октомври 2004 година и при поразот од 1-2 на 10 септември 2008 година.
Севкупно гледано, Пандев како член на македонската репрезентација ја тресел мрежата на 21 различна селекција, почнувајќи од Ерменија и дебитантскиот погодок постигнат при победата од 3-0, на дуелот одигран во Скопје на 18 август 2004 година. Пандев беше двапати прецизен и во дуелот со истиот ривал наредната година, како и при победата од 2-0 во 2018 година, па денешниот меч со Холандија е можност „лалињата“ да станат втората репрезентација ривал на која македонскиот великан успеал да стрела прецизно на три различни натпревари.
На листата од 21 репрезентација се наоѓа и Чешка, при убедливиот пораз од 6-1 во 2005 година, како и аутсајдерот Андора, на кој Пандев на двата меча при убедливите победи од по 3-0 му даде по еден гол. Од неевропските селекции, тука се Иран, Канада и Катар, а еден од најнезаборавните мечеви на Пандев во националниот тим е пријателскиот дуел со Шпанија, на кој беше свечено отворена Националната Арена по зголемувањето на капацитетот и доградбата на северната трибина. Македонската „десетка“ блескаше со два гола во првото полувреме против моќнтата „црвена фурија“, која на крајот сепак успеа да направи пресврт и да стигне до победата.
Пандев умешно го најде и патот до мрежата на Црна Гора во 2010 година, а пред најдобриот македонски напаѓач капитулираа и голманите на Азербејџан и на Литванија. Тој беше стрелец и во победата од 3-0 над Данска, а потоа даде два гола и во триумфот од 4-0 над Белорусија. Норвешка и Израел исто така се дел од овој список, како и аутсајдерот Лихтенштајн против кој Пандев биеше прецизно при победата од 4-1.
Австрија е уште една репрезентација на која Пандев и има дадено два гола, во квалификациите за ЕВРО 2020 и на мечот во Букурешт во групната фаза од европскиот шампионат. Во Лигата на Европа тој стрелаше прецизно против Летонија, а потоа го постигна и најзначајниот погодок во македонската фудбалска историја – ЗА ТРИУМФ НАД ГРУЗИЈА И ПЛАСМАН НА ЕВРО 2020.
Тој беше прецизен и при ремито од 3-3 на гостувањето против Естонија, а како момент за историја ќе остане и неговиот гол за водство од 0-1 во историската победа во Дуизбург над Германија.
Денеска се става крај на една неповторлива репрезентативна кариера, а бројките што „Гранде Пандев“ ги остава зад себе ќе бидат тешко достижни за генерациите што следат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА