Интер и Барселона играат меч за паметење во полуфиналето од Лигата на Шампионите откако и вечерашниот реванш заврши со идентични 3-3 како и првиот натпревар во Каталонија, па патникот во големото финале ќе го дадат продолженија, можеби и пенали на овој фантастичен дуел на „Џузепе Меаца“. Интер може да жали бидејќи имаше 2-0 по првото полувреме, но каталонците поведоа со 2-3 и имаа водство до 93. минута, кога Ачерби предизвика ерупција од воодушевување во Милано.
Првото полувреме мина токму онака како што посакуваше домашниот тим, оставајќи им ја топката на гостите, но и максимално користејќи го просторот што каталонците вообичаено го оставаат во сопствената половина. По една украдена топка на противничката половина Интер поведе преку Лаутаро Мартинез, на асистенција на Дамфрис, а пред самиот крај на полувремето веќе беше 2-0, со пеналот на Хакан Чалханоглу покажан по сугестија од ВАР-собата по стартот на Кубарси над Мартинез.
Многу екипи ќе „потонеа“ по вакво полувреме, но Барса успеа да се врати и за само петнаесетина минути во вториот дел израмни на 2-2. Левиот бек Мартин беше клучен играч со две асистенции, првиот погодок го постигна Ерик Гарсија, а вториот Дани Олмо.
Барса тргна и по трет гол, а кога се чинеше дека темпото опаѓа каталонците сепак успеаја во големата желба, Рафиња беше стрелец за тотална еуфорија меѓу гостинските фудбалери и навивачи. Очекувано, Интер тргна на се или ништо во самиот финиш, а таквиот пристап вроди со плод во 93. минута, кога Ачерби одлично се снајде во шеснаесетникот и во манир на голем стрелец ја смести топката во мрежата.
Ова не беше и крај на возбудувањата, Јамал во 96. минута се најде во одлична позиција, но шутираше директно во Зомер.
Фудбал за паметење, меч за кој уште долго ќе се говори… останува најмалку уште 30 минути, можеби и пенали за да го дознаеме првиот финалист во Лигата на Шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

