Македонската одбојкарска репрезентација ги почна квалификациите за пласман на Европското првенство во 2021 година. Иако Македонија беше голем фаворит против БиХ, сепак мораше да се помачи и испоти за да дојде до посакуваните бодови, триумфирајќи со 3-1.
Бледото издание донесе незадоволство и во самите редови на македонската репрезентација. Капитенот Никола Ѓорѓиев, во изјава за ЕКИПА, потенцираше дека игра каква што се прикажа против БиХ, повеќе не смее да се дозволи.
„Ова е најгадниот натпревар во мојата кариера, бидејќи ние немавме никакви детали за противникот, немавме обезбедено претходно видео материјали и не можевме да направиме анализа, па поради тоа овие освоени бодови беа многу тешки, но и многу значајни. Денес се бројат само освоените бодови, и остварената победа“, ни изјави Никола.
Одбојкарите на Македонија веќе во среда треба да се сретнат против силната Турција, а доколку сакаме да обезбедиме пласман на ЕП, нашите момци треба да го заборават денешниот натпревар со Босна, и сите сили да ги насочат кон претстојниот предизвик.
„Очекувам подобра игра, имаме квалитет и истиот треба да го покажеме на терен. Верувам во уште една победа против Босна и Херцеговина, но се надевам барем и на една победа против силната Турција“, заклучи Ѓорѓиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА