Ова е најслабата Германија во последните 54 години

Германија ремизираше 2-2 на последниот меч во 2018 година, прокоцкувајќи предност од 2-0 и овозможувајќи им на фудбалерите на Холандија во самиот финиш да стигнат до бод со кој се пласираа во завршницата од Лигата на Нации. Германците без оглед на исходот на овој меч веќе беа испаднати од елитата во новоформираното натпреварување, но последната шлаканица за Јоаким Лев и неговите избраници сепак е многу болна, бидејќи ја комплетираше најслабата година на германскиот репрезентативен фудбал уште од 1964.

Имено, „панцерите“ годинава одиграа вкупно 14 натпревари, на кои забележаа само четири победи. Процентот на успешност од 30,8% е најслабиот што германскиот национален тим го имал во последните 54 години, па навистина е чудно што челниците на федерацијата се уште му даваат безрезервна поддршка на Лев, иако само една од овие четири победи е забележана на официјален меч (над Шведска на СП, со гол во судиското продолжение), додека останатите три се на пријателски средби.

На Мундијалот во Русија беше забележано фијаско, во исто темпо се продолжи и во Лигата на Нации, ова дефинитивно е година за заборав на германскиот фудбал.

Се вчитува...