ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонија ја забележа втората победа на СП 2025 откако нашите ракометари попладнево во одличен натпревар славеа над Катар со резултат 39-34. Избраниците на Лазаров одиграа фантастично, од почеток до крај имаа контрола над резултатот, не дозволувајќи им на Катарците да се понадеваат на позитивен резултат. По одличните игри со Унгарија и со Австрија во кои освоивме само по еден бод, овојпат македонските ракометари заслужено се враќаат со цел плен, како уште една потврда за растот на оваа репрезентација од година година.
Првиот напад го реализиравме со велемајсторски погодок на Марко Митев. Следеше украдена топка и лесна реализација од контранапад на Петар Атанасијевиќ, за наше прво водство од 2-1. „Црвено-жолтите“ делуваа во контрола на почетокот, поведувајќи со два гола предност (3-1, 4-2, 5-3). Кизиќ во 6. минута ја забележа и втората одбрана, а Лазаревски со својот втор гол на мечот донесе и прва позитива од „плус три“ (6-3). Катарците се приближија по исклучувањето на Лазаревски, потоа стигнаа и до израмнување од 9-9, по што следеше нова серија на Македонија што почна со гол на Костески.
Во серија голови влезе и капитенот Кузмановски, па предноста од минута во минута се зголемуваше, преку Костески стигнавме со 17-13, а потоа со голот на Џонов и до 19-14. Митев донесе најубедливи за нас 20-14, но Катар се разбуди пред крајот на полувремето и на одмор се замина со наше водство од 21-17. Вториот дел го отворивме со мајсторски гол од крило на Костески, трет за брзоногиот ракометар кој маестрално го надмудри противничкиот голман. Неочекувано влеговме во серија промашени шутеви и грешлки, а Катар го искористи тоа за да дојде до „минус три“ (22-19).
Шпанските судии донесоа смешна ВАР-одлука, откако најпрвин досудија пенал за Македонија и разгледуваа црвен картон за катарски ракометар, за на крајот да одлучат дека Кузмановски направил чекори, доделувајќи му ја топката на противничкиот, притоа исклучувајќи го Капоте на две минути. Серијата на противникот конечно ја прекина Велковски со својот прв гол на натпреварот за 23-20, две одлични реакции во одбраната имаше Стојковиќ, помагајќи да дојдеме до четири гола предност (25-21, 37. минута). Стојковиќ во 40. минута доби директен црвен картон, а на голот на Македонија за првпат застана Никола Митревски. Катарците лесно доаѓаа до ситуација за гол, па Лазаров во дефанзива го внесе Павле Атанасијевиќ, а во нападот Џонов даде уште еден гол од крило за 28-24.
Црвен картон беше доделен и на спротивната страна, откако Амин Гуехис беше исклучен поради подметната нога додека Петар Атанасијевиќ тргна во шут од крило. Марзо доминираше во катарскиот напад и во 47. минута го постигна својот десетти гол на мечот (30-27), но благодарение на ефикасниот напад ја одржувавме предноста од четири гола (Пешевски за 32-28). Никола Маркоски постигна погодок за 33-28, принудувајќи го Вујовиќ на нов тајмаут по што Катар тргна „седум на шест“ во нападот. Пешевски беше незапирлив во нашиот напад, со петтиот погодок враќајќи ја предноста на најубедливите „плус шест“ (35-29). Повеќе од 200 Македонци кои беа во салата во Вараждин почнаа да ја прославуваат одличната игра и победата при 36-30, ракометарите за момент се опуштија, па по погрешното додавање на Кузмановски и примениот гол на спротивната страна Лазаров побара тајмаут при наше водство од 36-31.
Кузмановски продолжи со слаба игра во финишот, со уште една загубена топка, потоа и промашен пенал, по што Лазаров оправдано го седна капитенот на клупата. Никола Маркоски постигна два важни гола од половина терен, казнувајќи ја играта „седум на шест“ на Катар. Противникот капитулираше во завршните минути, а Македонија го искористи тоа за рутински да го приведе мечот до крај, за заслужен триумф од 39-34.
Пешевски беше извонреден со шест гола без ниту едно промашување, исто толку постигна и Кузмановски, по пет реализираа Костески и Митев, а со четири гола мечот го заврши Лазаревски.
Македонија настапот на овој светски шампионат ќе го заврши в сабота, кога со почеток во 20.30 часот нашите ракометари ќе излезат на мегдан со повеќекратниот светски првак Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА