Перо Антиќ повторно се надмина себеси кога станува збор за раководењето со КФСМ, откако претседателот на федерацијата жестоко ги казни МЗТ Скопје и директорот на „металците“ Тони Грнчаров.
Причина – навредите што Антиќ ги добил на својот инстаграм профил од профилот на МЗТ и од личниот профил на Грнчаров, поради што аеродромци се казнети со огромни 300.000 денари, додека Грнчаров доби двогодишна суспензија од вршење на работа во мак-баскетот.
Инстаграм профилот на Антиќ дефинитивно е светост за Перо, кој на него често споделува коментари и фотографии со „мудрости“ кои не доликуваат на човек што е претседател на една сериозна спортска институција.
Дефинитивно, инстаграмот за Антиќ е социјална мрежа на која нему му се може да каже се и сешто, а никој не смее да му врати ништо, но прашање е уште колку со ваков самобендисан однос кошаркарската легенда ќе успее да се задржи на чело на мак-баскетот.
За ригорозните казни денеска реагираа и од раководството на МЗТ Скопје, клуб што веќе подолго време беше во војна со Антиќ поради двојните аршини во работата на актуелното раководство.
„Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ) денеска, дури еден месец подоцна, го информира нашиот клуб дека Дисциплинската комисија (ДК) на 8 октомври донела одлука да го казни МЗТ Скопје Аеродром со 300.000 денари, а директорот Тони Грнчаров со двегодишна суспензија и тоа за објави на социјалните мрежи, што е нешто што досега не е видено не само во макбаскетот туку и во спортот кај нас во целост.
Ваквата одлука, на која би им завиделе дури и во земја како Северна Кореја, каде што демократијата, човековите права и слободата на говор се еднакви на нула, е донесена по пријава на Перо Антиќ, првиот човек на македонската кошарка, кој по некоја „случајност“ е прв меѓу еднаквите во Управниот одбор, кој самиот го предлага, а кој потоа ги избира членовите на ДК. Подобра потврда на народната „Кадија те тужи, кадија те суди“ не може да се најде ниту во најдобрите епизоди од „Македонските народни приказни“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА