Се е подготвено за стартот на новата евролигашка сезона во која првото коло е закажано за 30 септември, а кошаркарските портали денеска ја објавија и ранг-листата од најплатени играчи во 2025/26 во елитното европско натпреварување.
На врвот се наоѓа Василије Мициќ, кој по катастрофалните изданија за Србија на Евробаскет 2025 ќе треба да се наметне како апсолутен лидер во новиот евролигаш Хапоел Тел Авив. За Србинот летово се интересираа речиси сите европски гиганти, но тој на крајот ја прифати мегапонудата на Хапоел за плата од 4,8 милиони евра годишно, во следните три сезони.
Тој има 300.000 евра повисока годишна плата од Кендрик Нан од Панатинаикос, кој како актуелен МВП годинава ќе инкасира 4,5 милиони евра од „зелените“. Третото место е резервирано за бугарскиот кошаркар Саша Везенков, кој има 3,5 милиони евра загарантирана плата (плус бонуси за секој освоен трофеј) во Олимпијакос.
Зад Везенков се наоѓа Шејн Ларкин со 3,2 милиони евра годишна плата во Ефес, додека Џанан Муса е петторангиран oткако по трансферот од Реал Мадрид во Дубаи заработува три милиони евра годишно.
Во оваа топ 10 листа има место и за Французите Еван Фурние и Матијас Лесор, кои во грчките гиганти Олимпијакос и ПАО имаат годишна плата од по 2,7 милиони евра, потоа Костас Слукас од ПАО со 2,6 милиони евра, Мајк Џејмс од Монако со 2,55 милиони евра годишна плата, како и Валтер Тавареш од Реал Мадрид и Елајџа Брајант од Хапоел со по 2,3 милиони евра годишно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

