Ова се рекордите што Роналдо може да ги урне на ЕВРО 2020

Кристијано Роналдо во текот на сезонава урна бројни рекорди преку настапите за Јувентус и за португалската репрезентација, низа што големиот ас може да ја продолжи и за време на европскиот шампионат. Имено, Кристијано е многу блиску до стане апсолутен рекордер во три категории во историјата на европските шампионати, што сигурно ќе биде само мотив повеќе за него да даде што поголем придонес во одбраната на европската круна освоена пред четири години.

НАЈМНОГУ УЧЕСТВА НА ЕВРОПСКИТЕ ШАМПИОНАТИ

Дури 17 фудбалери во историјата имале можност да настапат на четири европски шампионати. Роналдо е еден од нив, а со настап на само еден меч на ЕВРО 2020 тој ќе стане прв во историјата кој бил дел од пет европски првенства. Шанса за такво нешто имаше и Златан Ибрахимовиќ, но повредата го спречи Ибракадабра, па Роналдо самиот ќе се искачи на врвот на оваа листа.

НАЈМНОГУ ПОБЕДИ НА ЕП

Кристијано е еден од тројцата фудбалери, заедно со Андрес Иниеста и со Цеск Фабрегас, кои имаат по 11 победи на натпреварите од европските шампионати. Двајцата Шпанци летово ќе ги нема во составот на „црвената фурија“, па Роналдо со еден триумф на ЕВРО 2020 ќе стане апсолутен рекордер и во оваа категорија.

Португалците се наоѓаат во „групата на смртта“ заедно со Франција и Германија, но доколку не успеат да триумфираат над еден од овие гиганти, идеална можност за уривање на рекордот ќе биде дуелот со аутсајдерот Унгарија.

НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ НА СИТЕ ВРЕМИЊА НА ЕП

Роналдо досега има постигнато девет погодоци на европските шампионати, рекорд што го дели со Мишел Платини, со таа разлика што Французинот сите девет ги постигна на едно европско рвенство, додека Кристијано стрелаше прецизно на четири континентални собири.

Доколку успее барем еднаш да ја затресе противничката мрежа, Роналдо ќе стане и најдобар стрелец на сите времиња на европските првенства.

Се вчитува...