ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари вечерва се среќаваат со Данска (20.30 часот) во третото и последно коло од групата А од ЕП 2022. Резултатски гледано, мечот е без преголемо значење, Данска без оглед на конечниот исход ќе биде првопласирана, а Македонија, ќе го освои последното место, но многу поважен ќе биде испитот на карактерот на нашата подмладена национална селекција и лицето што ќе го покаже по слабото издание и поразот од Црна Гора.
Данците најавија ротации во тимот, но повеќе од јасно е дека без оглед со каков состав ќе настапи скандинавскиот гигант, тој ќе има апсолутна фаворитска улога на мечот во Дебрецин. Згора на тоа, данските ракометари ќе го имаат во сеќавање и шокантниот пораз во Скопје од нашиот национален тим, пред помалку една година, како мотив повеќе за добра игра и убедлива победа.
Македонија настапи сериозно ослабена на овој шампионат, но и со таков состав потфрли со прикажаната игра во однос на очекувањата. Сепак, денешниот дуел ќе биде тест на карактерот, кој од помладите ракометари е подготвен да одговори на предизвикот и притисокот што со себе го носат големите натпреварувања.
„Со Данска нема што да загубиме. Не носат емоции и сигурно ќе сакаме да одиграме најдобро што умееме. Секако пристапот за натпреварот ќе биде како за пласман во седната рунда на европското првенство, затоа што мора да биде така со оваа млада репрезентација која дошла да се натпреварува на собирот на најдобрите на Стариот континент. Токму еден таков пристап на меч против Данска на еден вака силен турнир треба да даде некој патоказ за овие млади ракометари како да се однесуваат веќе во март на следните предизвици во националниот дрес“ – вели селекторот Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА