Овен за брилијантниот гол на Нуњез: Со вакви одлуки никогаш нема да биде врвен фудбалер

Ливерпул влезе во нова победничка серија во Премиерлигата откако во 25. коло без никакви проблеми славеше со 1-4 на гостувањето кај Брентфорд во натпревар во кој противничката мрежа ја тресеа Нуњез, Мек Алистер, Мо Салах и Гакпо.

Натпреварот го одбележа брилијантниот гол на Уругваецот кој го лобуваше противничкиот голман, но и покрај атрактивноста за истиот доби крикити од страна на поранешниот легендарен фудбалер на Ливерпул и воедно репрезентативец на Англија, Мајкл Овен кој му порача дека треба да носи подобри решенија ако сака да биде врвен напаѓач.

„Голот на Нуњез беше неверојатен. Не можам да престанам да го гледам. И не можам ни да ви доловам колку е тешко тоа да го изведете. Во движење, топката бега од вас, вие сте во противничкиот шестнаесетник и немате право на грешка. Неверојатно.

Но, овој гол е и доказ дека ако сака да биде одличниот голгетер кој сите мислат дека може да биде, мора да носи подобри решенија. Мислам, воопшто да размислите за таков финиш е лудило. Тоа е шут кој ќе влезе еднаш од десет пати, два пати од десет.

Имате многу повеќе опции кои се многу попродуктивни и ви ја зголемуваат шансата за гол на четири или пет од десет пати. Не сакам да критикувам гол кој е врвна класа, но би сакал да го видам кога Ливерпул води со 3-0, а не кога резултатот е 0-0“, напиша Овен на социјалните мрежи.

Се вчитува...